Економија, финансии, бизнис

Контакт

ОТКАЖАНИ ГОЛЕМ БРОЈ ЛЕТОВИ ВО ФРАНЦИЈА, започна генерален штрајк

ОТКАЖАНИ ГОЛЕМ БРОЈ ЛЕТОВИ ВО ФРАНЦИЈА, започна генерален штрајк

Многу домашни и некои меѓународни летови беа откажани денеска во Франција, бидејќи контролорите на летање започнаа генерален штрајк незадоволни од платите и политиките за вработување, пренесува АП.

Француската управа за цивилно воздухопловство, DGAC, предупреди дека внатрешниот сообраќај ќе биде „сериозно нарушен“ бидејќи многу летови се откажани, а други имаат долги одложувања.

На патниците им беше препорачано да го одложат патувањето доколку е можно, пренесуваат медиумите.

Авиокомпанијата „Ер Франс“ објави дека откажала 55 отсто од кратки и средни летови и 10 отсто од долгите летови. Компанијата не можеше да ја исклучи можноста за нови одложувања и откажувања во последен момент, се вели во соопштението, пренесува „Телеграф.рс“.

Летовите ги откажаа и другите авиокомпании кои работат во Франција, а од Ер Србија најавија дека очекуваат поради штрајкот на француската контрола на летање да има големи отстапувања во распоредот и откажувања на летови.

Главниот синдикат на контролори на летање во Франција, SNCTA, повика на еднодневен штрајк за да побара повисоки плати поради зголемената инфлација и да вработи повеќе персонал во наредниот период, јавува АП.

Потсетуваме, немири владееја и во германската авијација, но на почетокот на месецот штрајкот сепак беше прекинат, бидејќи пилотите и Луфтханза постигнаа договор.

Слично

Поврзани вести