Осомничениот за нападот на сопругот на Пелоси сакал да му ги скрши колената, верувал во теории на заговор
Државното обвинителство во Сан Франциско покрена обвинение против маж осомничен за насилен, политички мотивиран напад врз сопругот на претседателката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, за обид за убиство и киднапирање.
42-годишниот Дејвид Депапе, кој во петокот го нападна 82-годишниот сопруг на Пелоси, по неговото апсење изјавил на полицијата дека сака да му ги скрши колената на претседателот на Претставничкиот дом на САД како предупредување до другите политичари дека нивните постапки имаат последици.
Депапе, од одредени медиуми означен како поддржувач на десничарските теории на заговор, беше обвинет во понеделникот по федерални и државни обвиненија, вклучително и обид за киднапирање на владин службеник, влијание, попречување или одмазда против федерален функционер со закана или напад на член на семејството, обид за убиство, кражба и злоупотреба. Му се заканува долга затворска казна.
Депапе упадна во станбената зграда на Пелоси во Сан Франциско додека Ненси Пелоси беше во Вашингтон. Пол Пелоси потоа успеал да повика полиција, која пристигнала додека тој и напаѓачот се бореле за чеканот. Поуспешен бил Депапе, кој со чекан го удрил Пелоси по главата и телото.
Пелоси се опоравува од операцијата на черепот. Депапе дошол во станот опремен со пластични лисици, селотејп и други реквизити за киднапирање и мачење. Депапе живеел во гаража во Калифорнија во последните две години.
Откако Пелоси повикал полиција, Депапе, по сопствено признание, останал на местото на злосторството „бидејќи се борел против тиранијата како што неговите предци се бореле против Британската империја“. Досега, инспекторите открија дека тој бил убеден во различни теории на заговор.
Некои републиканци имаат, барем тајно, грижа на совест затоа што со децении ја демонизираат Пелоси како „најголемиот либерален ѓавол во Конгресот“.
