Економија, финансии, бизнис

Контакт

Осомничената за експлозијата во Монако пронајдена мртва кај Киев

Осомничената за експлозијата во Монако пронајдена мртва кај Киев

Анастасија Березовска, 39-годишна Украинка која беше барана преку Интерпол поради сомнение дека учествувала во бомбашкиот напад во Монако врз украинскиот бизнисмен Вадим Јермолаев, е пронајдена мртва во близина на Киев, објавија украински медиуми повикувајќи се на полициски извори.

Според информациите што ги пренесе „Украинска правда“, Березовска била пронајдена мртва откако претходно беше ставена на меѓународна потерница. Засега нема официјален коментар од украинската полиција и разузнавачките служби.

Березовска беше посочена како главна осомничена за експлозијата што се случи на 29 јуни во Монако, пред луксузна станбена зграда. Во нападот беа повредени Јермолаев, неговата партнерка и неговиот син. Монашките власти претходно соопштија дека таа се сомничи за обид за убиство, поставување експлозивна направа на јавно место и учество во криминална група.

Според истрагата, осомничената неколку дена ја следела зградата и движењето на жртвите, а потоа по нападот ја напуштила територијата на Монако. Медиумите пишуваат дека трагата водела преку неколку европски земји, а последната позната адреса на Березовска била во Германија.

Случајот дополнително доби тежина откако беше објавено дека во Украина се приведени уште две лица поврзани со истрагата. Според извори на „Украинска правда“, еден од нив е активен припадник на украинското воено разузнавање, а другиот е поранешен полицаец.

Јермолаев, кој е украински бизнисмен со кипарско државјанство, претходно бил ставен под украински санкции поради деловни активности поврзани со Крим. Мотивот за нападот, како и околностите под кои Березовска е пронајдена мртва, засега остануваат предмет на истрага.

Слично

Поврзани вести