Орбан предвиде дека сојузниците на Украина би можеле да испратат војници да му помогнат на Киев
Трета светска војна – никогаш не сме биле толку блиску, вели унгарскиот премиер Виктор Орбан. Според него од ден на ден опасноста расте.
Орбан на државното радио „Кошут“ изјави дека се зголемува веројатноста војната во Украина да се претвори во глобален конфликт. Тој остро ги критикуваше западните лидери и ги обвини сојузниците на Украина дека го промовираат конфликтот заради економски интереси.
Орбан предвиде дека сојузниците на Украина би можеле да испратат војници да му помогнат на Киев, иако не дал никакви докази за тоа тврдење, пишува Политико.
„Многу сме блиску, според мене, да го ставиме на маса како сериозен предлог за сојузниците, односно војниците на земјите сојузници со Украина“, кажа унгарскиот премиер.
Инаку, Унгарија се бунеше дека во Украина гинат и Унгарци. Вчера на Твитер имаше фотографија со двајца професори од Украина кои по националност се Унгарци и ја бранат државата.
