Орбан објасни што сакал да порача со шалот со „Голема Унгарија“
Ова е земја стара 1.100 години, опкружени сме со историски симболи, вели унгарскиот премиер Виктор Орбан за картата на „Голема Унгарија“ која ја носеше неодамна на шалот и предизвика реакции. Орбан тврди дека не сакал да провоцира.
„Ако сакав да провоцирам, можев да најдам многу подобар начин да го направам тоа. Секогаш правам јасна разлика помеѓу она што тие го нарекуваат голема Унгарија и она што јас го нарекувам историска Унгарија“, изјави Орбан.
Тој во ноември, на пријателскиот натпревар меѓу репрезентацијата на неговата земја и репрезентацијата на Грција во Будимпешта, носеше шал со мапа на Голема Унгарија околу вратот.На таа мапа се најдоа делови од Австрија, Хрватска, Романија, Србија, Словачка и Украина. Мапите вклучуваат територии кои Унгарија ги изгубила во 1920 година со Договорот од Тријанон, по Првата светска војна.
Украина реагираше за шалот и бараше Орбан да се извини и јасно да каже дека нема територијални претензии.
