Економија, финансии, бизнис

Контакт

Орбан: Ниту еден граѓанин на Брисел не починал во Украина, но умреле Унгарци

Орбан: Ниту еден граѓанин на Брисел не починал во Украина, но умреле Унгарци

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска во својот редовен говор за состојбата на унгарската нација во изминатата година, одржан во чаршијата Варкерт во Будимпешта, изјави дека ниту еден граѓанин на Брисел не го дал животот во војната во Украина, но дека ова не е случај со Унгарците.

Орбан истакна дека војната се води на прагот на Унгарија и ги критикуваше Киев, Брисел и Вашингтон за нивниот однос кон унгарското национално малцинство во западна Украина.

Според него, додека „многу Унгарци во Украина умираат со херојска смрт на фронтот“, се отстрануваат унгарските национални симболи во Мукачево и Мункач, а се менуваат и директорите на унгарските училишта.

Како што војната во Украина станува се побрутална, тонот кон Унгарија ќе станува се поостар, додаде Орбан.

Тој изјави дека Унгарија мора да биде подготвена за се посилни „провокации, навреди, закани и уцени“.

„Дипломатскиот притисок повеќе не го признава суверенитетот“, рече Орбан.

Зборувајќи за американскиот претседател Џозеф Бајден, Орбан рече дека Бајден за амбасадор во Унгарија го назначил Дејвид Пресман, кој според него е „човек за притисок“.

Целта на назначувањето на тој амбасадор е по секоја цена да се натераат Унгарците да влезат во воениот логор, посочил Орбан.

Орбан исто така посочил дека Европа постојано се тетерави на работ на војна со Русија, а прокси-војна практично веќе е во тек, бидејќи Западот му доставува сè повеќе смртоносно оружје на Киев, па дури и може да испрати „мировна армија“ во Украина.

- Ако доставувате оружје, ако давате сателитски информации, ако ги обучувате војниците на една од завојуваните страни, ако ја финансирате работата на целиот државен апарат, ако воведете санкции против другата страна, што и да кажете, вие учествувате во војната, засега индиректно – рече Орбан за време на говорот посветен на резултатите од 2022 година.

Конфликтот во Украина може да заврши само со преговори меѓу Русија и Соединетите Американски Држави, тоа неизбежно ќе се случи, а колку подоцна се случи, толку ќе биде повисока цената, смета Орбан.

- Знаеме дека овие преговори нема да ги водат Русите и Украинците. Мирот ќе дојде кога Американците и Русите ќе преговараат меѓу себе. Тоа неизбежно ќе се случи, но колку подоцна се случи, толку е поголема цената што секој ќе треба да ја плати – рече Орбан.

Орбан истакна и дека унгарската влада не верува дека Русија ја поткопува безбедноста на Унгарија и на цела Европа.

Слично

Поврзани вести