Орбан: Исламот е самопоканет во Европа!
Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјавил дека исламот не припаѓа духовно на Европа и ги утврдува правилата својствени за друг свет. Оваа изјава Орбан ја дал за германскиот неделник „Фокус“. Целосниот текст на интервјуто на Орбан за германското издание ќе биде објавено утре.
Исламот никогаш не бил дел од Европа, тој се самопоканил во Европа, вели во Орбан и ја истакнува заштитата на културните европски вредности како мотив за противење на приемот во ЕУ на стотици илјади кандидати за азил, кои дошле во поголемиот дел од муслимански земји.
Унгарскиот премиер признава сепак, дека турските работници кои дошле во Германија, во 60-тите и 70-тите години на минатиот век, за да помогнат на германската економија, припаѓале на историјата на Германија и следствено на Европа.
„Но во духовен план исламот не припаѓа на Европа. Исламот е збир на правила од еден друг свет“, посочува Орбан. Тој се пожалил дека не може да изрази какво и да е сомнение за Германија и Франција во врска со можноста за постоење на мултикултурното општество во Европа.
„Ние во Унгарија решаваме сами дали сакаме или не такво општество. Ние не го сакаме“, дополнува Орбан.
Унгарскиот премиер кој секогаш ги дефинирал мигрантите кои доаѓаат со илјадници секој ден во Европа, како обични економски бегалци, не верува дека целиот свет има право да живее во Германија или во Унгарија. Имаат право да живеат таму само оние кои работеле за тоа, наведува Орбан.
Во Унгарија оваа година поминале 300 000 мигранти. На крајот на септември Орбан се изјаснил во ОН за системот за светски бегалски квоти, за да се распредели миграциската тежина во целиот свет, а не само во Европа.
