Орбан: ЕУ и се предаде на Турција во кризата со бегалците
ЕУ и се предаде на Турција во кризата со бегалците под влијание на Ангела Меркел, која може да има непредвидливи последици - вели унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Тој упатува уште критика кон германскиот канцелар во интервју за германскиот неделник "Виртчафтсвохе" на денот кога Меркел и неколку европски лидери одат во Турција во деликатна посета "со надеж да ги победат механизмите на договорот за мигрантите што Анкара се заканува дека повеќе нема да ги почитува ", забележува АФП.
Со овој договор меѓу Брисел и Анкара, поттикнати во голема мера од Меркел, ние и се предадовме на Турција. Такво нешто никогаш не е на добро, смета Орбан, кој крена бариера од бодликава жица против мигрантите и бегалците на границите на Унгарија.
Безбедноста на Европската унија не може да е во рацете на страна надвор од ЕУ - категоричен е Орбан.
Во замена за согласноста на Турција да ги прифати сите мигранти, кои влегле илегално во Грција по 20 март, Европејците се ангажираа да и платат 3 милијарди евра, да ги активираат преговорите за пристапување на земјата кон ЕУ и да го забрзаат процесот на визната либерализација за турските граѓани.
Анкара сепак побара три милијарди евра дополнително до 2018 година и тврди дека не е обврзана да го почитува договорот, ако до јуни не биде воведен безвизен режим за турските граѓани во ЕУ.
Сите членки на ЕУ веќе и плативме три милијарди на Турција, наскоро ќе должиме уште три милијарди. Невозможно е да се предвиди кога тоа ќе престане - вели Орбан, кој сепак не се спротивстави на постигнувањето договор со Турција.
Ја поддржавме турската стратегија само под услов во прилог да има систем за заштита на границите на ЕУ, забележува тој. Според него Брисел направил грешка фокусирајќи на распределбата на бегалците, а не врз заштитата на границите.
