Опремата за насочување на руски напади со дронови не работи - Лукашенко сепак го послуша Зеленски?
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека опремата на територијата на Белорусија, за која Киев тврди дека се користела за насочување на руските напади со дронови, повеќе не е во функција.
Според Зеленски, опремата престанала да работи на 22 јуни, само неколку дена откако тој му постави ултиматум на белорускиот претседател Александар Лукашенко, барајќи во рок од една недела да ги отстрани спорните системи.
„Според информациите што ги добив, опремата на белоруска територија од 22 јуни повеќе не работи. Искрено, сè уште не знам дали е и демонтирана. Факт е дека од денес таа не е во функција“, изјави Зеленски.
Тој претходно објасни дека се работи за релејна опрема поставена на комуникациски кули, која, според украинските власти, била користена за поддршка на руските напади со дронови врз Украина.
Украина претходно ја предупреди Белорусија. Во врска со украинскиот ултиматум, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, го обвини Киев за „агресија“ и за нарушување на белорускиот суверенитет.
Белорускиот претседател Александар Лукашенко месецов изјави дека Белорусија не претставува воена закана за Украина и му се извини на претседателот Володимир Зеленски за неговите претходни остри изјави.
Руската инвазија на Украина почна на 24 февруари во 2022 година.
фото Фејсбук/Володимир Зеленски
