Опозицијата го нарече Ердоган „главен провокатор“ на протестите во Турција
Лидерите на опозициските Народнорепубликанска партија (НРП) и на Партијата за националистичко дејствување (ПНД) го оценија турскиот премиер Реџеп Тајип Ердоган како „главен провокатор“ за протестите во паркот Гези во Истанбул.
„Вие сте провокатор број еден“, изјави лидерот на НРП Кемал Калачдароглу, пред парламентарната група на партијата.
Тој нагласи и дека го смета Ердоган за „лажго“ поради обвиненијата кон демонстрантите дека пиеле алкохол во џамија во Истанбул.
Лидерот на ПНД Девлет Бахчели го повика вчера Ердоган „да не го поларизира повеќе општеството со својата реторика“. Тој упати критики и за одлуката на Ердоган за организирање протести во поддршка на владејачката Партија на правдата и развојот за време на викендот.
„Се чудам уште колку премиерот ќе провоцира непријателски дејствија и уште колку ќе го поларизира општеството“, истакна Бахчели пред парламентарната група на НРП, нагласувајќи дека според него Ердоган дејствува како најголемиот провокатор на сите времиња.
Во меѓувреме ОН и САД ги повикаа демонстрантите и Владата во Турција на дијалог за надминување на недоразбирањата и прекин на демонстрациите и употребата на сила
Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун изјави дека граѓаните имаат право на демонстрации и повика на дијалог меѓу Владата и демонстрантите.
Портпаролката на Белата куќа Катлин Хејден, изјави дека САД се вознемирени од ситуацијата во Турција и упатуваат повик за дијалог меѓу Владата и демонстрантите.
„Продолжуваме со вознемиреност да ги следиме случувањата во Турција и ја поддржуваме слободата на говорот како и правото за мирни демонстрации,“ изјави Хејден.
Претходно, премиерот Реџеп Тајип Ердоган рече дека веќе нема да ги толерира масовните демонстрации против неговата влада. Тој исто така, го повтори своето уверување дека немирите се дел од заговор против Турција, а демонстрантите ги означи како хулигани и непријатели на демократијата.
Слично
