ОПАСЕН УЛТИМАТУМ: Хамас најавува „неутрализација“ на заложниците
Хамас упати остро предупредување дека ќе ги „неутрализира“ заложниците кои ги држи во Појасот Газа доколку Израел започне операција за нивно спасување. Во најновото соопштение, објавено од британските медиуми, Хамас тврди дека судбината на заложниците целосно зависи од израелските власти.
„Со продолжувањето на вашата луда војна, можете засекогаш да ги изгубите заложниците. Направете го тоа што мора да го направите пред да биде предоцна“, стои во соопштението на Хамас упатено до Израел.
Дополнително, Хамас објави и видео во кое детално се наведува кога и како биле убиени дел од заложниците во изминатите 14 месеци. Организацијата за тоа ја обвини израелската влада и премиерот Бенјамин Нетанјаху.
Израелската воена офанзива во Газа започна по нападот на Хамас на јужните израелски заедници на 7 октомври 2023 година, во кој, според израелски извори, загинаа околу 1.200 лица, а над 250 беа киднапирани. Во офанзивата што следеше, загинаа повеќе од 44.400 Палестинци, а илјадници луѓе се раселени, според податоците на палестинските власти.
фото: EPA-EFE/ABIR SULTAN