ОН бара стоп на воените активности во Либија: Заземен аеродромот
Либија е на раб на граѓанска војна. Либиската национална армија (ЛНА) која не е меѓународно признаета соопшти синоќа дека ја презела контролата врз аеродромот во предградието на Триполи. Советот на безбедност на ОН сепак веднаш побара ЛНА да ги запре сите активности.
Aхмед Мисмари, портпарол на силите лојални на лидерот на ЛНА Калиф Хафтар, соопшти и дека припадници на ЛНА презеле контрола врз два града во близина на Триполи – Тархуан и Азизија.
Мисмари информира и дека петмина припадници на ЛНА загинале во борбите со силите лојални на премиерот Фајез ал Сараџ, кои се признати од меѓународната заедница.
Силите на Сараџ вчера соопштија дека заробиле 100 војници лојални на Хафтар и оти планираат да извршат воздушен напад врз негови позиции.
