Економија, финансии, бизнис

Контакт

Оли Рен: Нема да дозволиме банкрот на Кипар

Оли Рен: Нема да дозволиме банкрот на Кипар

Еврогрупата нема да дозволи Кипар да банкротира, изјави денеска еврокомесарот за економски и монетарни прашања Оли Рен по пристигнувањето на средбата на министрите за финансии на еврозоната во Брисел.

„Банкротот не е опција. Секоја земја од еврозоната има клучно значење за целата монетрана унија“, забележа Рен.

Кипар ќе биде главната тема на денешната средба на Еврогрупата, но не се очекуваат практични решенија од неа.

Одлуката за формирање програма за помош за Кипар се очекува да биде донесена до крајот на март, посочи при своето пристигнување во Брисел претседателот на Еврогрупата, холандскиот министер за финансии Јерун Дејселблум.

Тој јасно порача дека денешното заседание ќе биде посветено на запознавање со позициите на новата влада на Кипар за исполнување на условите за добивање на меѓународна финансиска помош.

Министрите за финансии од еврозоната денеска во Брисел ќе се сретнат со својот нов кипарски колега Михалис Сарис, назначен по избирот на претседателот Никос Анастасиадис, кој во четврток ќе стапи на должност.

Се претпоставува дека програмата за помош на Кипар ќе „тежи“ 18 милијарди евра, што е повеќе од БДП-то на републиката. Од нив 10 милијарди ќе бидат наменети за преструктурирање на банкарскиот сектор, што е на работ на уривање заради своите тесни врски со финансискиот сектор на Грција, земјата која од секогаш била главен партнер на земјата во оваа сфера. Уште осум милијарди ќе отидат за опслужување на надворешниот долг на Кипар.

Слично

Поврзани вести