Оланд и Обама се “слушнаа“ за ситуацијата во Украина
Tелефонски разговор денеска оствари францускиот претседател Франсоа Оланд со американскиот колега Барак Обама посветен на ситуацијата во Украина.
Според соопштението на Елисејската палата, двајцата лидери оцениле дека Русија треба набрзо да прифати создавање на контактна група која ќе дозволи започнување дијалог меѓу Киев и Москва, со цел да се најде мирно решение за кризата и целосно враќање на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.
Обама и Оланд потсетиле на отсуството на легална основа за планот за референдум, кој е закажан да се одржи на Крим на 16 март.
Според двајцата претседатели „во отсуство на напредок во оваа насока, ќе бидат преземени нови мерки кои чувствително ќе ги погодат односите меѓу меѓународната заедница и Русија, што не е во ничиј интерес“.
Обама и Оланд се договориле, меѓу другото, да продолжат со нивната поддршка на новите украински власти, како и подготовка под меѓународна контрола и најголема транспарентност за претседателските избори на 25 мај.
