Официјално: Тројца обвинети за убиството на Немцов
Официјални обвиненија се поднесени против Рамзан Бахаев осомничен за убиството на рускиот опозиционер Борис Немцов, објави извор запознаен со ситуацијата, пренесе Интерфакс. Изворот прецизира дека истражните дејствија биле одржани уште во петокот.
Така официјални обвиненија се упатени против тројца (Бахаев, Заур Дадаев и Анзор Губашев) од приведените пет лица за убиството. Против Шагид Губашев се очекува да бидат покренати обвиненија денеска
Меѓу уапсените е и Тамерлан Ескерханов. Претходно петмината поднесоа жалба за апсењата.
Заур Дадаев е главниот осомничен за убиството на Борис Немцов на 28 февруари, како главен мотив се посочува навреда на исламот. Тој, сепак, се откажал од целосните признанија кои ги направил, и поднесе жалба за апсењето. Член на Кремљлскиот совет за човекови права соопшти дека Дадаев „веројатно признал при тортура“. Андреј Бабушкин додаде дека видел „бројни рани“ врз телото на главниот осомничен за убиството на Немцов за време на посетата во затворската ќелија во Москва.
Потсетуваме дека поранешниот руски вицепремиер и опозиционер Борис Немцов беше застрелан на 28 февруари доцна во ноќта на Москворецки мост во центарот на руската престолнина.
