ОДЛОЖЕНО ЗА ЕДЕН МЕСЕЦ - одлуката на ЕУ за ограничување на цената на гасот ќе почека, дали се опуштија поради поевтинувањето
Министрите за енергетика на Европската унија вчера на состанокот во Луксембург не успеаја да се договорат за лимитот на цената на гасот во Унијата и ја одложија расправата за тоа прашање за еден месец.
Целта на вчерашната средба беше низ преговори да се олесни постигнувањето на компромис со цел да се вратат цените на гасот од нивните неодамнешни максимални нивоа.
Цените на гасот паднаа во последните денови, поради благото време, но и поради тоа што земјите ги наполнија своите складишта.
Некои дипломати на ЕУ веруваат дека ова може да ја намали потребата за ограничување на цените на енергијата, но други велат дека ограничувањето е сè уште потребно за да се заштитат земјите од потенцијалните скокови на цените како што се приближува зимата.
Во пресрет на состанокот во Луксембург, Европската комисија преку нон-пејпер ги предупреди земјите дека ограничувањето на цената на гасот што се користи за производство на електрична енергија низ ЕУ може да предизвика зголемување на употребата на гас и извозот на електрична енергија.
– Министрите генерално ги поздравија главните принципи на предлогот (на Европската комисија) и ја истакнаа потребата од брзи и координирани напори на европско ниво во духот на солидарноста – соопшти Советот на ЕУ.
Министрите се согласија дека сите преземени мерки мора да придонесат за обезбедување безбедност на снабдувањето, да доведат до пониски цени на енергијата за домаќинствата и бизнисите низ ЕУ, истовремено поттикнувајќи го намалувањето на побарувачката и зачувувањето на интегритетот на единствениот пазар и да работат кон целта на ЕУ за климатска неутралност до 2050 година.
Во документот на Комисијата се додава дека институцијата споделила со земјите анализа на плафонот на цената на гасот што се користи за производство на електрична енергија, шема што ја започнаа Шпанија и Португалија летово по руската инвазија на Украина и последователните кратења на испораките на гас за ЕУ.
Воведувањето на овој модел во цела ЕУ, како што бара Франција, може да доведе до зголемување на побарувачката за гас во ЕУ до девет милијарди кубни метри, се наведува во документот.
