Од навивачите на Челзи се бара да не го скандираат името на Абрамович
Прес-службата на британскиот премиер Борис Џонсон побара од навивачите на Челзи да не го скандираат името на рускиот тајкун Роман Абрамович, кој во моментов е под санкции од страна Велика Британија по инвазијата на Русија во Украина.
Инаку популаризацијата на Челзи во изминатиот период се должи најмногу благоидарение на инвестираните средства од страна на рускиот бизнисмен, за кој се верува дека во фудбалскиот клуб од Лондон досега има вложено 1,5 милијарди фунти.
Во неделата, навивачите на Челзи за време на натпреварот од Премиер лигата со Њукасл му дадоа поддршка на Абрамович.
– Ја препознаваме силата на чувствата на луѓето околу клубовите, но во моментов тоа е сосема несоодветно. Навивачите можат да покажат страст и поддршка за својот клуб на поинаков начин, без прибегнување кон такви работи, велат од прес-службата на Џонсон.
Лондонскиот клуб доби специјална дозвола да продолжи со работа со голем број ограничувања. Тимот не може да врши акции на трансфер пазарот, да ги обновува договорите со сегашните играчи, да продава билети за натпревари на навивачите, со исклучок на сезонските билети.
