Од Атина до Хелсинки, од Загреб до Лисабон - Европа од утре сложно ќе се вакцинира
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен објави дека вакцините против ковид-19 им се испорачани на сите земји од Европската Унија и дека утре ќе почне вакцинацијата.
Ќе ја свртиме страницата на една тешка година. Денес е денот на испораката, а утре денот на вакцинирањето. Вакцинирањето против ковид-19 почнува низ Европската Унија“, кажа Фон дер Лајен во краткото обраќање објавено на нејзиниот профил на Твитер.
Таа кажа дека вакцината им е ставена на располагање истовремено на сите земји членки на ЕУ, и дека луѓето ќе почнат да ја примаат вакцината во Атина, Рим, Хелсинки, Софија, насекаде во Унијата.
„Нашите европски денови на вакцинацијата се трогателен момент на единството и успешната приказна на ЕУ“, додаде таа.
Фон дер Лајен кажа дека наскоро ќе има уште вакцини, бидејќи е докажано дека се безбедни и ефикасни.
Кажа дека ЕУ обезбедила дози вакцини за целата своја популација од 450 милиони луѓе, како и дека обезбедиле вакцини за соседите од Европската економска област (ЕЕА) како Исланд или Норвешка.
Укажа дека вакцинацијата ќе помогне животот постепено да се врати во нормала, но до тогаш луѓето треба да бидат внимателни да се заштитат себеси и саканите од вирусот.
Од европските градови јавуваат дека пристигнале првите контингенти на вакцината на Фајзер. Меѓу останатите се јавија од Загреб, Мадрид, Софија, Атина, дека ги добиле првите вакцини.
