Очевидци со потресни сведоштва од Лондон: Пожарот натера мајки да ги фрлаат децата од високи прозорци
Додека лондонскиот облакодер од 27 катови сеуште гори, очевидци ги опишуваат страшните глетки во кои од зградата се слушаат крикови, луѓето излегуваат од прозорци, а една мајка од деветти или десети кат го фрлила бебето во обид да го спаси, кое потоа го фатиле луѓе кои стоеле пред зградата.
„Луѓето почнаа да се појавуваат на прозорците и избезумено да врескаат, а една жена со гестикулации најави дека ќе го фрли бебето, молејќи некој да го фати...Еден господин притрча и успеа да го фати бебето“, вели очевидецот Самира Ламарани, пренесуваат светските медиуми.
Како што сведочи овој очевидец, луѓето кои стоеле пред згрдата се обиделе да ги смират станарите кои останале заглавени говорејќи им дека сите служби прават се што можат, но „изразот на нивните лица бил страшен“.
Ламрани вели и дека пријателка на нејзината ќерка видела како еден станар направил некој вид на импровизиран падобран и се обидел со тоа да се спаси скокајќи од прозор.
Истата таа додава дека на прозорците видела многу луѓе, но и деца, чии ужаснати гласови, вели, долго ќе ги памети.
Друг очевидец опишува како видел дека една мајка од петти или шести кат го фрла петгодишното момче, кое, како што наведува е добро, со можеби неколку скршени коски.
Во зградата живеат од 400 до 600 луѓе.
