Објавено е видео од акцијата: Британските маринци користеле јажиња за да се спуштат врз рускиот танкер за нафта што го запленија
Британската морнарица објави снимки на кои се гледа обемната и опасна шестчасовна операција за пресретнување и запленување на рускиот танкер за нафта од таканаречената „флота во сенка“ во Ламанш.
Акцијата се случи откако британскиот премиер Кир Стармер одобри проширени воени овластувања за пресретнување и задржување на бродови поврзани со руските мрежи за избегнување санкции во територијалните води на Велика Британија.
Операцијата траеше шест часа и беше спроведена во услови на висока готовност со учество на елитни единици и тешка воена механизација.
Кралските маринци се спуштија од хеликоптерот директно на палубата на танкерот во движење.
Акцијата беше обезбедена од воздух со хеликоптери „Чинук“, „Мерлин Мк4“ и „Вајлдкет“, со поддршка од извидувачкиот авион „Посејдон“ на РАФ.
„Флотата во сенка“ е глобална, нетранспарентна мрежа од постари бродови (често постари од 15 години) со нејасни сопственички структури и чести промени на знамињата. Овие танкери намерно ги исклучуваат своите транспондери или емитуваат лажни кодови за локација за да го сокријат потеклото на нафтата.
Танкерот „SMYRTOS“ моментално е придружуван и закотвен покрај јужниот брег на Англија, каде што е под строг надзор поради потенцијални еколошки и безбедносни ризици, додека истрагата продолжува.
