Обама: Санкциите против Русија треба да останат!
Американскиот претседател Барак Обама изјавил дека со германската канцеларка Ангела Меркел се согласил санкциите против Русија да останат на сила, нагласувајќи дека, ако Русија продолжи со досегашниот курс, изолацијата против неа ќе биде зголемена.
Тој кажал и дека е јасно дека Русија ја прекршила претходната спогодба за Украина, бидејќи во таа земја пратила уште повеќе тенкови и артилерија, наместо да ги повлече.
Обама рекол дека со Меркел се договориле за продолжување на стратегијата на НАТО, како би се зајакнало присуството на Алијансата во источна Европа и соработката со ММФ, за да и се обезбеди финансиска поддршка на Украина.
Тој додал дека очекува да слушне од канцеларката дека Грција би можела да се врати на одржливиот раст во рамки на еврозоната, пренесува Ројтерс.
Меркел во разговорот со Обама, рекла дека во интерес на Германија е постоење на спогодба за слободна трговија помеѓу Европа и САД.
Обама, на заедничката конференција за новинарите со Меркел, рекол дека „руската агресија само го зајакнала меѓународното единство во обид да пронајде дипломатско решение со Москва“.
