Обама: Нуклеарно оружје во рацете на терористи е главна закана за светската безбедност
Американскиот претседател Барак Обама денеска изјави дека има постојана и растечка закана од извршување на нуклеарно терористички напад, пренесоа агенциите.
Обама на самитот за нуклеарната безбедност во Вашингтон изјави дека светот значително го намалил ризикот од нуклеарен тероризам преку преземање „конкретни, видливи мерки“, но истакна дека сеуште постојат причини за загриженост.
Според него ниедна терористичка група засега не успеала да се здобие со нуклеарно оружје или валкана бомба, иако Ал Каеда одамна се стреми кон нуклеарен материјал, а „Исламска држава“ користи хемиско оружје.
„Нема сомневање дека ако овие луѓе дојдат до атомска бомба или нуклеарен материјал, сигурно ќе го користат за да убијат што повеќе луѓе“, рече тој. Според него, тоа би било катастрофа што може да го промени светот.
Обама изјави дека за терористите ќе биде потешко да одржат на нуклеарни материјали благодарение на договорот за физичка заштита на нуклеарни материјали, ратификуван од 102 земји, кој според него се очекува да стапи на сила во скоро време, наведува Ројтерс.
Според него паѓањето на нуклеарно оружје во рацете на терористи е главна закана за светската безбедност во моментов, забележуваат агенциите. Во врска со тоа Обама ја истакна потребата од заштита на објектите за чување на плутониум и збогатен ураниум, кои според него не секаде се доволно добро заштитени.
Меѓународниот договор за иранската нуклеарна програма засега е успешен, изјави уште денес Барак Обама, цитиран од Ројтерс и Франс прес.
Во исто време Обама призна дека е потребна уште работа по извршувањето на трансакцијата, и предупреди дека ќе биде потребно време за повторно интегрирање на Иран во светската економија. Тој, сепак, увери дека Техеран веќе почнува да влече корист од договорот.
Иран се жали на бавното кревање на меѓународните санкции против него и покрај договорот, забележува АФП.
Претседателот на САД зборуваше по средбата со останатите лидери од групата 5 + 1 (петте земји постојани членки на Советот за безбедност на ОН плус Германија) на маргините на меѓународниот самит за нуклеарна безбедност во Вашингтон. Шесторката склучи договор со Иран за неговата нуклеарна програма во јули минатата година во Виена.
