Обама нема да бара санкции за агентите на ЦИА кои измачувале
Американскиот претседател Барак Обама се согласува со заклучокот на Министерството за правда според кој не треба да се покренува постапка против агентите на Централната разузнавачка агенција (ЦИА) кои биле вмешани во спорни техники за сослушување на затворениците.
Портпаролот на Белата куќа Џош Ернест нагласил дека Министерството за правда веќе спровело истрага по која било заклучено дека агентите на ЦИА не направиле кривично дело.
„Претседателот му верува на американскиот правосуден систем и на начинот на кој овој систем реагираше во овој случај во врска со истрагата за агентите на ЦИА“, рече Ернест.
Спорните техники на агентите на ЦИА кои се граничат со измачување ги објави Комисијата за разузнавачки прашања на американскиот Сенат во таканаречениот „Извештај за измачувањата на ЦИА“. Во него се нагласува дека агентите на ЦИА, особено по 11 септември 2001 година и терористичките напади врз САД користеле техники кои претставувале вистинско измачување на притворените лица.
Слично
