Обама, НАТО и ЕУ со поддршка за Ердоган
Американскиот претседател, Барак Обама ги повика сите страни во Турција да ја поддржат демократски избраната Влада на претседателот Реџеп Таип Ердоган.
Тој апелира да се избегне било какво насилство и крвопролевање. Турција има клучна улога во коалицијата предводена од САД во борбата против милитантите од „Исламска држава“. Американски авиони ја користат воздухопловната база Инџирлик во Турција за мисиите против екстремистите во Сирија и Ирак.
Обама за развојот на настаните телефонски разговарал со американскиот државен секретар Џон Кери, кој се наоѓа во Москва на одделни средби со високи руски претставници за состојбата во Сирија.
Кери имал телефонски разговор и со турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу на кого му соопштил дека САД внимателно ја следат состојбата во земјата. Ги повика граѓаните на САД во Турција да останат дома и да бидат во контакт со семејствата и пријателите.
Германската канцеларка, Ангела Меркел соопшти дека мора да се почитува демократскиот ред во Турција.
НАТО чија членка е Турција, повика на смиреност и целосна почит на демократските институции.
Официјална Москва изрази длабока загриженост за ситуацијата во Турција. Димитри Песков, портпаролот на рускиот претседател, соопшти дека Путин цело време се информира за развојот на настаните во Турција од руското Министерство за надворешни работи и од разузнавачките служби.
