Обама и Путин се сретнаа, ама немаа можност за сериозни разговори
Американскиот претседател Барак Обама и неговиот руски колега Владимир Путин заедно во Пекинг учествуваат на средбата на организацијата за Азиско-пацифичка економска соработка (АПЕК).
На маргините на состанокот кратко се сретнале, но немале можност да влезат во посуштински разговори, потврди Кремљ.
„Вистина е дека тие се поздравија, но немаа можност за посериозен разговор. Тоа беше само краток контакт на маргините на состанокот на АПЕК“, изјави портпаролот на Путин Димитриј Песков.
Тој додал дека двајцата лидери едвај размениле неколку збора, но оти се надеваат дека во следните неколку дена ќе имаат можност да разговараат.
Средбата меѓу Обама и Путин е во фокусот на јавноста заради екстремно заладените односи меѓу двете земји заради кризата во Украина. Вашингтон заедно со ЕУ воведе санкции за Москва, што ги донесе односите меѓу САД и Русија речиси на ниво од Студената војна.
Темата на денешниот петминутен разговор меѓу двајцата претседатели во комплексот „Водена коцка“ во Пекинг не е позната, но се претпоставува оти повторно украинската криза била неизбежно на маса.
Средбата на лидерите од 12-те земји од т.н. пацифички прстен се фокусираше на зголемување на соработката, а не помина незабележано ветувањето на Обама дека САД ќе воведат нова визна политика за Кина, со која на кинеските граѓани ќе им издаваат визи вотраење од десет години, наместо како досега на една година.
Слично
