Обама доаѓа во Европа
Претседател на САД Барак Обама од утре ја стартува шестдневната турнеја во Европа и Саудиска Арабија во екот на најлошата досега криза во односите меѓу Истокот и Западот изминатите години, предизвикана од украинската криза.
Обама своите сојузници ќе ги уверува дека САД стојат до нив и ќе ја потврди американската политика во врска со нукларните преговори со Иран.
Учеството на Обама на утрешниот трет Самит за нуклеарна безбедност во Хаг, настан кој произлезе токму од неговата иницијатива за спречување на ширењето оружје за масовно уништување и радиоактивен материјал, се планира со месеци, но поради кризата во Крим тоа сега стана најважна европска турнеја на некој американски претседател изминатите години.
Обама се залага во Хаг истовремено да се одржи и самит на Групата седум најразвиени земји, на кој тој би ги интензивирал напорите за изолација на Русија и би ги изложил последиците за таа земја поради припојувањето на Крим.
Темата за Крим сигурно ќе доминира на Самитот за нуклеарна безбедност во Хаг, а ќе биде и тема за време на посетата на Обама на Брисел, каде ќе се состане со лидерите на Европската унија, Херман ван Ромпуј и Жозе Мануел Барозо, како и со генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен.
Обама на 27 март ќе го посети Ватикан, каде ќе оди на аудиенција кај папата Франциско, а турнејата ќе ја заврши во Саудиска Арабија.
Слично
