Обама директно ја обвини Русија во ОН, Лавров прашува: Дали е сериозен?
Американскиот претседател Барак Обама во своето обраќање пред Генералното собрание на Обединетите нации директно ја обвини Русија за ескалацијата на насилствата во Украина, за вооружување на проруските бунтовници и за недозволување пристап до локацијата на соборениот малезиски авион.
„Тоа е визија за еден свет во кој да се има моќ значи да се биде во право, свет во кој една земја може повторно да ги исцрта границите на друга, а цивилизирани луѓе не можат да ги погребаат своите најблиски заради вистината која може да биде откриена. Америка застапува нешто сосема друго“, рече Обама.
Тој нагласи дека единствениот начин на Русија да и бидат укинати меѓународните санкции е да го почитува мировниот план и да се повлече од источна Украина. Додека Обама зборуваше, во салата беше присутен и шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, кој воопшто не го погледнал американскиот претседател додека говорел, туку се задлабочил во некои документи.
Подоцна, сепак Лавров изразил отворено несогласување со говорот на американскиот претседател и изречените обвинувања.
„Заработивме второ место на листата на закани за меѓународниот мир и стабилност. Број еден е вирусот на ебола, број два е таканаречената руска агресија врз Европа, а на трето место се Исламската држава и другите терористи“, рече Лавров.
Според него, бизарно е што американскиот претседател неколкупати рекол дека светот станува послободен или побезбеден. „Не разбрав дали е сериозен или не“, иронично рекол шефот на руската дипломатија.
Слично
