НУУК ДО ТРАМП: Гренланд не е парче мраз, туку народ што сам треба да одлучува за својата иднина
Властите на Гренланд се налутија по најновите изјави на американскиот претседател Доналд Трамп.
„Гренланд не е парче мраз, туку народ што сам треба да одлучува за својата иднина“, ова е најновиот одговор од Нуук, откако американскиот претседател Доналд Трамп повторно го навреди островот, нарекувајќи го „големо, лошо управувано парче мраз“.
Гренландскиот премиер Јенс-Фредерик Нилсен возврати дека станува збор за горд народ од околу 57.000 луѓе, а не за предмет што некој може да го мери како геополитички плен.
Најновите информации покажуваат дека спорот околу Гренланд не се смирува, туку само ја менува формата. Иако Трамп претходно се повлече од отворената закана со сила и го префрли прашањето на дипломатски колосек по разговорите со генералниот секретар на НАТО, Нилсен сега јавно вели дека не гледа дека американската желба за „преземање или контрола“ на Гренланд навистина е тргната од маса. Во исто време, разговорите меѓу Гренланд, Данска и САД продолжуваат, а Вашингтон и натаму има воено присуство на островот врз основа на договор од 1951 година.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте изјави дека се водат преговори со САД, Данска и Гренланд за иднината на островот. Како што кажа фокус е ограничувањето на влијанието на Русија и Кина на Арктикот.
Инаку, Трамп изрази и желба да го купи островот. Тој рече дека нема да дозволи Русија и Кина да го шират своето влијание таму.
foto printskrin youtube
