НУКЛЕАРКАТА ЗАПОРОЖЈЕ НОРМАЛНО ИСПОРАЧУВА СТРУЈА: Нема никакви дефекти тврди управата на Енергодар
Претставници на администрацијата во градот Енергодар, кој е
под руска контрола, денеска објавија дека со електричната енергија од нуклеарната централа Запорожје нормално се снабдува во Украина.
Украинската државна компанија за нуклеарна енергија Енергоатом, сепак, во четвртокот соопшти дека шест од реакторите на централата биле исклучени од електричната мрежа на земјата.
Запорожје, Украина, нуклеарна централа,
Електраната Запорожје работи нормално, нема никакви дефекти, најави шефот на управата на Енергодар, Александар Волга, пренесува РИА Новости.
Тој изјави дека во четвртокот попладне дошло до прекин на електричната енергија во регионите Запорожје и Херсон.
Според него, причината е краток спој во мрежата по гранатирањето на украинските војници и пожарот во градот Енергодар, поради што работеле безбедносните системи во нуклеарната централа Запорожје и биле исклучени два блока од мрежата.
„Немаше целосно исклучување на нуклеарната централа Запорожје, како што вели Зеленски. Имаше вонредна ситуација што беше спречена со автоматски заштитни уреди на територијата на нуклеарната централа“, додаде Волга.
Потрошувачите беа повторно приклучени, неколку часа подоцна беше вратено напојувањето во регионите Запорожје и Херсон, изјави рускиот претставник, пренесува РИА Новости.
Украинската државна компанија за атомска енергија Енергоатом вчера соопшти дека шест реактори на централата се исклучени од електричната мрежа на земјата. Електраната се наоѓа блиску до линијата на фронтот и беше предмет на повеќекратни пожари во последните недели, што ги зголеми стравувањата од нуклеарна катастрофа.
И Украина и Русија меѓусебно се обвинуваат за гранатирање на објектот.
ФОТО: EPA