Новиот лидер на Иран кажа какви планови имаат за Ормутскиот теснец
На иранската државна телевизија водителот ја прочита првата изјава на новиот врховен лидер Моџтаба Хамнеи. Тој изјави дека сите американски бази во регионот треба веднаш да се затворат или ќе бидат нападнати. Тој повтори дека Иран ги таргетира само странските бази во соседните земји и дека верува во пријателството со соседите. Се додава дека Ормускиот теснец ќе остане затворен бидејќи тоа е начин за вршење притисок врз САД и Израел.
Тој им се заблагодари на „сите Иранци од сите сфери на животот кои се спротивставија на непријателот“.
„Злосторствата против човештвото и против децата нема да бидат игнорирани. Испративме порака до лидерите на регионот и нагласивме дека ќе имаме добри односи со земјите околу нас. Но, постоењето на американски бази во некои од овие земји и нивното користење за напади врз Иран не придонесува за регионот и тие мора да бидат затворени. Како што рековме, ние не сме непријатели на земјите околу нас, ние ги таргетираме тие бази на Американците“, рече тој.
Тој повика на единство на народот. Полуофицијалната иранска новинска агенција Фарс објави дека Револуционерната гарда е одговорна за нападот врз американски брод во северниот дел од Персискиот Залив. Беа нападнати два танкера, еден американски и еден грчки. Фарс, исто така, наведува дека бродот „не ги послушал предупредувањата“ издадени од Гардата.
Војната почна на 28 февруари годинава. Израел и САД го нападнаа Иран, а во нападот загина и ајатолахот Али Хамнеи. Цените на нафтата денеска пак надминаа 100 долари за барел.foto printskrin youtube
