Новиот Генсек: Бегалците треба да се распределуваат во целиот свет
Новиот генерален секретар на ОН, Антонио Гутереш се прогласи за распределба на бегалци ширум светот. Поранешниот португалски премиер го споделил ова во вчерашното интервју за германското списание „Фокус“, пренесе ТАСС.
„Земји како Либан, Турција или Јордан треба да бидат ослободени од притисокот кој го доживуваат поради миграцискиот наплив“, вели Гутереш.
„Треба да им дадеме поголема поддршка отколку досега, и да ги распределиме бегалците низ целиот свет. Потребна ни е сеопфатен и ефикасен систем за распределба - не само во Европа, туку и во Северна Америка, Латинска Америка, Австралија“, вели тој .
Новиот генерален секретар потсетува на ситуацијата од 70-тите години, кога целата меѓународна заедница помагала за земањето и сместувањето на бегалци од Виетнам.
Гутереш напомена дека ОН треба да вложува уште поголеми напори за да не се дозволи во принцип да избувнуваат кризи. „Дипломатите треба да ги спречуваат конфликтите, но ние треба да помогнеме за подобрување на животните услови, зголемување на безбедноста, почитување на човековите права и искоренување на последиците од климатските промени“, вели тој.
Во четвртокот Генералното собрание на ОН усвои резолуција со која Гутереш беше назначен за деветтиот генерален секретар на ОН „за период кој започнува од 1 јануари 2017 година и завршува на 31 декември 2021 година“. Пред тоа слична резолуција усвои и Советот за безбедност на ОН.
