НОВИ ТЕНЗИИ: Саудиска Арабија го укина авионскиот сообраќај со Иран
По прекинот на дипломатските односи меѓу Саудиска Арабија и Иран, тензиите се повеќе растат. Саудиска Арабија денеска ги откажа и сите авионски летови од и до Иран.
Односите меѓу Саудиска Арабија и Иран, двете моќни земји на Блискиот Исток, се влошија по погубувањето на шиитскиот свештеник Шеик Нимр ал-Нимр.
Неговата егзекуција заедно со уште 46 други лица, кои Саудиска Арабија ги прогласи за терористи, беше повод за протестите на шиитското малцинство во земјата. По егзекуцијата, демонстранти ја нападнаа амбасадата на Саудиска Арабија во Техеран, фрлајќи молотови коктели и славејќи откако зградата ја зафати пламен. Иранскиот врховен лидер Али Хамнеи се закани дека политичарите од сунитското кралство ќе бидат „соочени со божјата одмазда” заради неговата смрт.
