НОВИ ТЕНЗИИ: Дрон повторно се урна во Летонија
Уште еден дрон се урна во Летонија. Беспилотното летало се урна во езерото Дриџис во општина Краслава, на околу 20 километри од белоруската граница, и експлодираше при ударот со површината на водата, информираше денеска летонската полиција.
Во инцидентот, кој на властите им го пријавија локалните жители, нема повредени. Првично не беа дадени детали во врска со потеклото или видот на дронот. Вршителката на должноста премиерка Евика Силиња, која неодамна поднесе оставка поради инцидент со дрон, напиша на Икс дека е во контакт со надлежните органи и чека дополнителни информации. Таа ја повика јавноста да ги следи упатствата на властите.
Влегувањето на дронот во летонскиот воздушен простор не го откриле радарските системи, според војската и затоа до жителите на регионот не биле испратени известувања на мобилни телефони со предупредување за потенцијална закана за воздушниот простор.
Летонија се граничи со Русија и Белорусија на исток. На почетокот на месецов, празни резервоари во складиште за нафта во источниот град Режекне, на околу 50 километри од руската граница, беа погодени од два залутани украински дронови. Никој не беше повреден, но инцидентот предизвика политичка криза во која прво министерот за одбрана, а потоа и премиерот поднесоа оставка.
Москва ја обвини Летонија дека го става својот воздушен простор на располагање на Украина, тврдење што балтичката држава го негира.