НОВИ НЕСАКАНИ ЕФЕКТИ ПО ВАКЦИНАЦИЈА СО АСТРАЗЕНЕКА: ЕМА истражува и ретки случаи на пореметување на нервниот систем
Европскиот
медицински регулатор објави дека испитува ретки случаи на нарушувања на
нервниот систем кај луѓе кои примиле вакцина АстраЗенека, бидејќи властите
ширум светот се залагаат за транспарентност во врска со безбедноста на
вакцината против „Ковид-19“.
Безбедносниот комитет на Европската агенција за лекови (ЕМА), како дел од редовниот преглед на извештаите за безбедност на Ваксзеврија, новото име на вакцината АстраЗенека, ги анализира и податоците обезбедени од таа компанија за случаи на Гиле-Бареовиот синдром (ГБС).
Иако ЕМА објави дека придобивките од вакцината на британско-шведскиот производител во борбата против смртоносната пандемија надминуваат какви било ризици, неколку европски земји ја ограничија употребата на вакцини за стари лица или целосно престанаа да ги користат.
ЕМА сега наведува дека ГБС е идентификуван како можна штетна нус-појава што треба посебно да се следи при одобрување на вакцината, додавајќи дека од АстраЗенека побарале подетални информации за случаите.
Ретка состојба
Гиле-Бареовиот синдром е ретка невролошка состојба кај која имунолошкиот систем ја напаѓа заштитната обвивка на нервните влакна. Повеќето случаи се проследени со бактериска или вирусна инфекција. Оваа состојба се поврзуваше и претходно со вакцинирањето, најмногу со кампањата за вакцинација за време на избувнувањето на свинскиот грип во САД во 1976 година, а подоцна и со вакцината која се употребуваше за време на пандемијата на грипот Х1Н1 во 2009 година.
ЕМА исто така соопшти дека ги истражува извештаите за воспаление на срцевиот мускул по вакцинирањето со Фајзер/БионТек, и вакцината на компанијата Модерна.
Европскиот медицински регулатор наведува дека во моментов нема индикации дека овие случаи се последица на примањето вакцини.
Американскиот центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) минатата недела објави дека не открива поврзаност помеѓу воспалението на срцевиот мускул и вакцината против Ковид-19.
