НОВА ЗАКАНА: Мигрантите може да ја „преплават“ Европа
Договорот на Европската унија и Турција за запирање на протокот на бегалци кон Западна Европа може да пропадне. За тоа предупредува претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер во интервју за денешниот број на австрискиот „Курир“, пренесува АФП.
„Ризикот е повисок. Успехот на договорот досега е слаб. Претседателот Реџеп Таип Ердоган веќе даде до знаење неколку пати дека би сакал да го стави под прашање“, вели тој.
Според него ако тоа се случи, ЕУ може да очекува прилив на мигранти.
„Спорната спогодба склучена во март меѓу Турција и ЕУ, успеа да го ограничи приливот на мигранти, но неуспешниот обид за државен удар од 15 јули против Ердоган предизвикува стравувања дека тоа ќе биде доведено во прашање“, додава Јункер.
Три дена по неуспешниот обид за државен удар групата турски високи функционери задолжени да го контролираат спроведувањето на договорот за мигрантите од грчка страна, беа отстранети, а нивни заменици не беа назначени.
Јункер изрази „силна загриженост“ од неодамнешните настани во ЕУ и особено во Унгарија и Полска.
“Во Полска активностите на владата се посегање кон правната држава. Гледаме со вознемиреност на подготовката на референдум за мигрантите во Унгарија“, нагласува претседателот на ЕК.
Во средата Еврокомисијата даде три месеци Варшава да го преиспита функционирањето на уставниот суд во името на заштитата на правната држава.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан спореди оваа недела имиграцијата со „отров“ за Европа, додавајќи дека на неговата земја не и треба ниту еден мигрант.
„Ако се организираат референдуми за секоја одлука на Советот на министрите и на Европарламентот, тогаш правната сигурност е во опасност“, вели Јункер.
„Комисијата навистина би требало, но ние нема да го направиме тоа, да започнеме постапка за прекршување на договорите против Унгарија. Само што тогаш господин Орбан ќе изјави дека Комисијата го соочува унгарскиот народ пред судот“, истакнува претседателот на ЕК.
