Нов проблем меѓу Меркел и Обама: Германски шпион продавал тајни податоци на ЦИА?
Довербата меѓу германската канцеларка Ангела Меркел и американскиот претседател Барак Обама се чини дека е во опасност повторно да биде разнишана.
Германските тајни служби откриле дека вработен во Сојузната разузнавачка служба (БНД) продавал строго доверливи документи на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА). Според податоците до кои дошле тајните служби, 31-годишниот германски разузнавач стапил во контакт со американски дипломати и им понудил соработка.
Зделката била склучена на неутрален терен, во Салцбург, Австрија. Тој на Американците им доставил околу 200 документи, за што добил околу 25.000 евра.
Меѓутоа, двојниот агент станал алчен - не бил задоволен од заработувачката, па се обратил за соработка и кај рускиот конзулат во Минхен. Осомничениот е приведен, а при претрес во неговата куќа, наводно биле пронајдени доволно докази за шпионажа.
Дипломатските односи меѓу САД и Германија беа сериозно разнишани минатата година кога податоците на Едвард Сноуден покажаа дека американската Национална агенција за безбедност (НСА) го прислушкувала телефонот на германската канцеларка Ангела Меркел.
Слично
