НОСЕЛ ЕКСПЛОЗИВ ЗА НАПАД ВО УКРАИНА: Руски дрон падна во Летонија
Рускиот дрон што падна во Летонија, носел експлозив за напад на Украина.
Леталото залутало во воздушниот простор на балтичката држава, соопштија денеска летонските власти. Леталото што падна во Летонија е ирански произведен дрон Шахед, изјави командантот на летонските вооружени сили Леонидс Калнинс.
Дронот се урна во реонот на селото Гајгалава на околу 90 километри од границата со Белорусија, од каде што навлезе во воздушниот простор на балтичката земја, соопшти денеска летонското Министерство за одбрана.
Романија и Летонија, членки на НАТО кои ја поддржуваат Украина во нејзината двегодишна војна против Русија, вчера објавија дека истражуваат руски дронови кои се урнале откако влегле во нивниот воздушен простор.
Заменик-генералниот секретар на НАТО, Мирчеа Џоана, вчера ги критикуваше инцидентите како „неодговорни и потенцијално опасни“, но рече дека нема индикации дека станува збор за намерен напад врз земјите-членки на Алијансата. Руската инвазија на Украина почна на 24 февруари 2022 година.
