Норвешка бара работници – висока плата, но и големи трошоци?
Инжинери, наставници, медицински сестри, возачи на автобуси, готвачи и келнери и се потребни на Норвешка, објави Европската канцеларија за вработување (ЕУРЕС). Во оваа нордиска земја, во која просечната месечна плата изнесува речиси 4.500 евра, недостигаат експерти за механика, електроника, автоматика, хидраулика и водовод, воспитувачи, наставници особено за природни науки и математика, лекари и медицински сестри, психолози, шофери.
Според податоците на ЕУРЕС повеќе компании во Норвешка бараат работници од различни профили, а меѓу нив и познати брендови како Aker Solutions, FMC Technologies, Statoil, National Oilwell Varco, Kværner, Kongsberg Gruppen, Aibel, Roxar и Fabricom.
Норвешка не е членка на Европската унија, но според истражувањата условите за работа во оваа земја се сметаат меѓу најдобрите и најхуманите во светот. Работниците склучуваат договор кој подразбира пробна работа од 3 до 6 месеци пред подолготрајно вработување. Платата се исплаќа месечно, а вработениот работи 37,5 часа неделно. Вработените во Норвешка во просек имаат 25 дена годишен одмор, а сите над 30 години старост имаат 30 дена платен одмор.
Просечната плата во оваа скандинавска земја е една од највисоките во Европа, но и во светот. Таа изнесува 36.700 норвешки круни или 4.384 евра. Десетте проценти најдобро платени во земјата заработуваат во просек по 8.541 евро месечно, додека дестте проценти најслабо платени - во просек 2.460 евра месечно.
Сепак, ЕУРЕС предупредува дека и трошоците се поголеми - храната во Норвешка е во просек за 62% поскапа отколку во останатите европски земји. Норвежаните за станарина и комуналии во просек трошат 27% од својата плата, 20% им оди за јавен превоз и автомобил, 18% за храна и останати потреби во куќата, а 12% за одмор и рекреација.
Според податоците на Обединетите нации, Норвешка е рангирана како земја со највисоки просечни примања, најдолг животен век и најдобри услови за живот на своите граѓани. Неодамна властите во Норвешка соопштија дека секој жител на оваа земја теоретски станал милионер, благодарејќи на државниот фонд во кој се слеваат средствата од нафтата и гасот.
Слично
