„Њујорк Тајмс“: Зошто никој не внимавал на убиецот од Виена со потекло од Северна Македонија?
Бил наоружан со автоматска пушка, пиштол, мачета и лажен самоубиствен бомбашки ремен. Пукал од повеќе локации, поради што полицијата мислела дека се работи за повеќе напаѓачи, пишува „Њујорк Тајмс“ за Кујтим Фејзулаи, роден во Виена, но кој имал и австриско и македонско државјанство, а неговите родители се со потекло од Челопек.
Тој е единствениот елиминиран напаѓач од виенската полиција, додека уште двајца како него се со државјанство и потекло од Македонија, по крвавиот терористички напад во кој загинаа четири лица.
„Уби четворица и повреди 23 лица во земја во која смртоносните терористички напади се вистинска ретокост. Сепак, убиецот им бил добропознат на властите. Пред две години бил обвинет затоа што се обидел да и се придружи на Исламската држава во Сирија, покренувајќи го прашањето зошто никој не внимавал на него ако се знае дека бил на радарот на австриските тајни и безбедносни служби.
Дополнително на ова, словачките власти ги алармирале австриските дека во јули тој патувал во Словачка во обид да набави муниција за својот АК-47, за што има потврда од искусен австриски разузнавач. Малку се знае за локациите каде што бил отворен оган и кои се жртвите, но властите определиле шест точки во соседството каде што било најопасно.
Починатите, чии имиња се уште не се објавени, се тројца австриски и еден германски државјанин од 19 до 34 години. Малку се знае за нив, освен дека еден помлад бил застрелан на улица, друга жртва била келнерка во бар, додека еден од повредените е 28-годишен полицаец“, пишува меѓудругото Њујор Тајмс.
Австриски „Стандард“ тврди дека засега не се добропознати претходните контакти кои ги имал Фејзулаи.
„Нејасно е дали напаѓачот некогаш имал контакт со салафистите на Балканот. Постои таква група во Скопје, зад која се претпоставува дека се кувајтски донатори. Исто така има и исламисти на северо-западотод земјата, на пример меѓу муслиманите со словенско потекло. Во Виена има неколку џамии кои најмногу ги посетуваат Албанци. Поголемиот дел од муслиманите кои живеат во Австрија се членови на официјалната исламска заедница, но, има и помали групи, каде одат и Албанци, кои покажуваат салафистички тенденции“, коментира „Стандард“.
Ова не е прв пат балканската поврзаност на исламистите да се најде на насловните страници во дијаспората: Озлогласените проповедници на омраза со години ги обучуваат своите „потомци“ во Австрија, смета „Ди Пресе“. - Исламската заедница во Скопје беше шокирана од нападот во Виена: „Теророт ги тресе темелите на верската толеранција и предизвикува одвратност кај целата муслиманска заедница“, се вели во изјавата за сочувство: „Ја споделуваме болката со семејствата на жртвите и австрискиот народ “, пренесува електронското издание на австрискиот медиум.
