ЊУЈОРК ТАЈМС-ПУТИН ИМА „КЕЦ ВО РАКАВ“: Кој е планот на Москва во кој е инволвиран и САД
Еден пат остана
отворен за меѓународните хуманитарни конвои кои носеа храна, вода и друга помош
за повеќе од милион Сиријци погодени од граѓанска војна. Сега, предупредуваат
властите, Русија би можела да се обиде да го затвори или да го искористи тој
пат за да преговара со светските сили за актуелната војна, пишува Њујорк тајмс.
Дипломатите и експертите велат дека затворањето на коридорот, на граничниот премин Баб ал-Хава со Турција, речиси сигурно ќе принуди илјадници луѓе да ја напуштат Сирија. Тоа само ќе ја влоши бегалската криза во Европа и на Блискиот Исток, која веќе се смета за најлоша од Втората светска војна.
Како Русија ќе гласа во Советот за безбедност на Обединетите нации?
Советот за безбедност на ОН, каде Русија има право на вето, во јули ќе гласа дали патот за испорака на помош ќе остане отворен.
„Војната во Украина има широки импликации за Сирија, за целиот регион и за светот“, рече јорданскиот министер за надворешни работи Ајман Сафади во интервју во Вашингтон Пост.
Сафади рече дека Јордан внимателно ја следи Русија додека се приближува гласањето. „Повеќе од милион сириски бегалци веќе живеат во Јордан“, рече тој, а за да се посредува во мировниот договор во 11-годишната граѓанска војна во Сирија „сигурно е потребен договор меѓу Русите и Американците.“ Користејќи го правото на вето, Русија помогна да се затворат уште три хуманитарни коридори во Сирија во 2020 година, и се согласи да го задржи оној во Баб ал-Хава минатата година, и тоа дури по интензивните разговори со САД. Русија оценува дека затворањето на тие рути е неопходно за да се одржи суверенитетот на Сирија и се заложи за дистрибуција на помош со одобрение на владата на претседателот Башар ал -Асад наместо преку Обединетите нации.
Граѓанската војна во Сирија започна во 2011 година и Русија е еден од сојузниците на Асад. Досега помошта главно одеше во областите под контрола на бунтовниците. Патот од Баб ал-Хава води до сириската северозападна провинција Идлиб, еден од последните делови на територијата под контрола на бунтовниците и област која стана рај за екстремистичка организација поврзана со Ал Каеда. Соединетите Американски Држави претседаваат со Советот за безбедност овој месец и одржаа серија состаноци за решавање на маките на Сиријците кои останаа без покрив над главата или на друг начин им треба помош за да преживеат, пишуваат медиумите.
Рускиот заменик амбасадор во ОН, Дмитриј Полјански изјави дека Москва не одлучила како ќе гласа. Но, во интервјуто во петокот, тој рече дека според сегашниот систем, хуманитарната помош е загрозена од екстремистите во Идлиб.
„Не негирам дека оваа помош е наменета за бегалците, но од неа имаат корист и терористички групи. Екстремистите нападнаа некои пратки со помош. Искрено, во оваа фаза немаме многу работи за кои треба да бидеме оптимисти“, рече тој.
