Николас Мадуро прогласи национална вонредна состојба, ќе активира планови за мобилизација
Американскиот претседател Доналд Трамп наредил напади на мети во Венецула, вклучувајќи воени објекти, изјавија американски функционери за „Си-Би-Ес њуз“, што следува откако утрово се слушнале експлозии и прелети на авиони во главниот град Каракас. Очевидци изјавија дека се погодени воениот аеродром „Ла Карлота“ во центарот на градот и главната воена база во Фуерте Тиуна, а неколку населби се без струја.
Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, прогласи национална вонредна состојба и ги повика општествените и политичките сили да активираат планови за мобилизација. Тој ги осуди нападите како американски обид да се земат венецуелските нафта и минерали.
„Венецуела ја отфрла и осудува исклучително сериозната воена агресија извршена од сегашната влада на Соединетите Американски Држави врз венецуелската територија“, соопшти владата на Венецуела.
Покрај Каракас, напади се регистрирани и во покраините Миранда, Арагва и Ла Гваира.
Трамп ветуваше дека САД ќе почнат копнени операции во Венецуела откако американската војска во изминатите месеци напаѓаше бродови кои наводно превезуваат дрога.
Граѓаните се евакуираат од Каракас, откако утрово одекнаа експлозии.
