Нигер му даде рок од 48 часа на францускиот амбасадор да ја напушти земјата
Нигер го протерува францускиот амбасадор Силваин Ите, а тој има два дена да ја напушти земјата.
Воениот режим кој на 26 јули ја презема власта во Нигер му даде на францускиот амбасадор 48 часа да ја напушти државата. Веста ја соопшти Министерството за надворешни работи на Нигер.
„Поради одбивањето на францускиот амбасадор во Ниамеј да одговори на повикот на министерството за разговор и поради други постапки на француската влада кои се противат на нигериските интереси, властите одлучија да го повлечат одобрението издадено на Силваин Ите и го повикуваат за 48 часа да ја напушти територијата на Нигер“, стои во соопштението.
Одлуката доаѓа по низата изјави и протести против Франција по 26 јули кога нигерската војска го урна претседателот Мохамед Базум, кој е во домашен притвор со дел од своето семејство.
Новата власт ја обвини Франција дека сака воено да интервенира во Нигер за да го врати Базум на власт и велат дека Економската заедница на западноафрикански држави (ЕКОВАС) е платеник на Франција.
Нигер им даде овластувања на вооружените сили на Мали и Буркина Фасо да интервенираат на нејзина територија во случај на напад врз земјата, јавија британските медиуми, повикувајќи се на заедничка изјава на трите африкански земји.
Нигер е поранешна француска колонија, во која денес се судираат интересите на Западот и Истокот.
foto EPA
