Ние се бориме со „Исламската држава“, зошто не сме подготвени да ги прифатиме оние кои бегаат од нив?
Ние се бориме со „Исламската држава“, зошто не сме подготвени да ги прифатиме оние кои бегаат од нив? Тоа, го изјавил претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер во својата изјава пред Европскиот парламент, пренесоа светските агенции.
„Во моментов не се наоѓаме во добра ситуација. Ни недостасува Европа во Европската унија и недостасува унија во Европската унија. Тоа треба да се промени“, додал уште Јункер во своето обраќање. Тој потсети дека Европа е континент, на кој „секој бил бегалец во даден момент“.
„Европејците треба да знаеме и никогаш да не заборавиме дека правото на азил е фундаментално“, дополни претседателот на ЕК. „Додека има војна во Сирија, бегалската криза нема да исчезне“.
Јункер предложил систем на квоти за распределување на 120 000 мигранти во прилог на првичната бројка од 40 000, земена во месец мај. Другиот негов предлог е да се создаде листа на безбедни земји за имигрантите, со што тој ќе ги вклучува и државите од Балтикот, кои сакаат да се вклучат во Европската унија. „Земјите во листата треба да знаат дека ќе бидат отстранети од списокот и ќе го изгубат правото да се приклучат кон Европската унија“, дополнил тој.
Претседателот на Европската комисија изјавил дека надворешните граници на ЕУ треба да бидат обезбедувани подобро и Комисијата ќе предложи нов систем за легална миграција.
„Ние сме стар континент. Миграцијата треба да престане да биде проблем и да се претвори во добро организиран ресурс. Миграцијата треба да биде легализирана. Треба да создадеме легален пат кон Европа“, додал Јункер пред Европскиот парламент.
Приоритет на приоритетите
Така претседателот на ЕК ја утврди бегалската тема за ЕУ во моментов. Тој предложи неколку мерки. Ги повика земјите од ЕУ да вдомат 160 илјади бегалци, кои во моментов се во Унгарија, Италија и Грција.
Меѓу мерките кои ЕК ги предвидува е и листата со сигурни држави. Мигрантите од овие држави ќе бидат вратени назад, како што се земјите од Западен Балкан.
Другите мерки се заедничка стратегија за интеграција на бегалците. Тие ќе имаат право на работа додека чекаат разгледување на нивните апликации.
Според зборовите на Жан-Клод Јункер, ЕК ќе го презентира комплетниот пакет за легализација на миграцијата во почетокот на 2016 година.
И уште една мерка која ќе ја преземе Еврокомисијата - таа ќе додели 1,4 милијарди евра за помош на земјите во Северна Африка.
