Неверојатни 75.000 нови вработувања во „Икеа“
До 75.000 луѓе шведскиот гигант за мебел „Икеа“ планира да вработи во наредните неколку години.
Шефот на концернот, Микаел Олсон, денеска обелодени дека се изработени планови за отворање на 25 нови трговски центри, а како нови пазари на „Икеа“, меѓу другото, се споменуваат Србија, Хрватска и Јужна Кореја.
Во изминатиот едногодишен период добивката на „Икеа“ забележа пораст од четири проценти и достигна рекордно ниво од 34 милијарди шведски круни (околу четири милијарди евра).
- Никогаш не сме сосема задоволни. Но, се разбира дека со големо задоволство можеме да констатираме оти развојот и понатаму е силен, вели Микаел Олсон за шведскиот весник „Дагенс индустри“.
За разлика од најавената интензивна развојна фаза со отворање 25 нови трговски центри годишно, „Икеа“ во изминатите години отвораше просечно по десетина центри.
