Економија, финансии, бизнис

Контакт

НЕТАНЈАХУ ДО МАКРОН: Хамас спречува евакуација на цивили, а не Израел!

НЕТАНЈАХУ ДО МАКРОН: Хамас спречува евакуација на цивили, а не Израел!

Неговата изјава за Газа е морално некоректна, вели израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за ставот на францускиот претседател Емануел Макрон дека Израел убива бебиња и стари лица. Макрон претходно изјави дека нема оправдување за наводното израелско бомбардирање на, како што рече, „тие бебиња, тие жени, тие стари луѓе“.

Нетанјаху рече дека францускиот претседател „направил сериозна грешка, фактички и морално“ обвинувајќи го Израел за намерно бомбардирање цивили.

„Хамас спречува евакуација на цивили, а не Израел! Израел им кажува да си заминат“, рече Нетанјаху. 

Тој рече дека членовите на Хамас пукале во хуманитарен коридор. Тврди дека Хамас ги користи Палестинците како жив штит. 

„Не е Израел тој што се сместува во болници, училишта и згради на ОН, туку Хамас. И затоа не Израел, туку Хамас е одговорен за повредување на цивили“, рече израелскиот лидер. 

Тој ги предупреди Макрон и другите пријатели дека не треба да им се дава имунитет на терористите кои ќе извршат двојно воено злосторство.

„Навистина правиме се’ за да ја минимизираме штетата врз цивилите и неборците, но нема да му дадеме на Хамас дозвола да ги убива нашите граѓани без одговор“, додаде Нетанјаху.

Макрон е еден од западните лидери кои го посетија Израел во знак на солидарност по нападите на Хамас на 7 октомври. Во Газа загинаа над 11.000 луѓе. Франција испрати и хуманитарна помош за Газа. И Германија најави помош. 

Слично

Поврзани вести