Несигурноста на инвеститорите предизвика пад на акциите
Како последица на несигурноста на инвеститорите по најавите дека американската централна банка Federal Reserve (Fed) веќе во септември би можела да ги намали поттикнувачките монетарни мерки на светските берзи, изминатата седмица цените на акциите забележаа пад.
Така на Волстрит изминатата седмица индексoт Dow Jones падна за 1,5 отсто, на 15.425 поени, индексот S&P 500 се лизна за 1,1 отсто, на 1.691 поени, а индексот Nasdaq за 0,8 отсто, а 3.660 индексни поени.
И на повеќето европски берзи цените на акциите минатата седмица паднаа. Така, лондонскиот индекс FTSE ослаби за 1 отсто, на 6.583 поени, франкфуртскиот индекс DAX за 0,8 отсто, на 8.338 поени, а парискиот индекс CAC, пак, зајакна за 0,8 отсто , на 4.076 индексни поени.
На берзата во Токио, индексот Nikkei минатата седмица потона за 5,9 отсто, на 13.615 поени, што претставува негов најголем пад во последните девет седмици.
Најголемиот седмичен пад на американските индекси од половината на јуни е последица на несигурноста на инвеститорите поради тоа што американската централна банка веќе во септември би можела да започне да ги намалува програмите на купување на државните и хипотекарни обврзници во износ од 85 милијарди долари секој месец. Со намалувањето на овие програми пазарите, како што стравуваат вложувачите, би загубиле силна поддршка, објави „Макфакс“.
Претседателот на филијалата на Fed во Чикаго, Чарлс Ивенс на почетокот од седмицата изјави дека централната банка, зависно од ситуацијата во економијата, веројатно подоцна годинава, а можеби уште во септември, ќе започне да ги намалува поттикнувачките монетарни програми. Претседателот на филијалата на Fed во Далас, Ричард Фишер, пак, рече дека го поддржува намалувањето на поттикнувања во септември, доколку економските податоци не се влошат.
Инвеститорите се плашат дека Fed ќе ги намали поттикнувања пред американската економија да се најде цврсто на патот на заздравувањето. Економските податоци покажуваат на раст, меѓутоа не баш цврст. На повлекувањето на инвеститорите од пазарите укажува и податокот дека во првата седмица од август од американските инвестициски фондови се извлечени 3,2 милијарди долари.
