„НЕПОБЕДЛИВО ОРУЖЈЕ И СЕЕЊЕ СТРАВ“: Какви се суперсоничните ракети кои Русија ги употребила во Украина
Русија уништи подземно складиште за муниција во Украина со помош на суперсонични ракети, изјави во саботата портпаролот на руското Министерство за одбрана Игор Конашенков.
Портпаролот на руското Министерство за одбрана Игор Коначенков изјави дека „на 18 март авионскиот систем „Кама“ (Бодеж) уништи големо подземно складиште за ракети и муниција на украинските воздухопловни сили во Делатин, Ивано-Франковската област во западна Украина, со своите суперсонични балистички ракети. "
Русија никогаш досега, во два претходни конфликти во кои војуваше - во Украина и Сирија, не пријавила употреба на оваа балистичка ракета. Од првото успешно тестирање во 2018 година, беше користена неколку пати како дел од воените вежби.
„Веројатно сакале да го тестираат Кама во борбени услови, за прв пат во светот“, изјави за АФП Василиј Качин, воен аналитичар и директор на истражувачкиот центар на Московската школа за економија.
Официјална Москва тврди дека овој тип проектили е предизвик за системите за противвоздушна одбрана, бидејќи неговата брзина е до 10 мах или околу 12.000 км/ч, па затоа нејзинoто маневрирање го отежнува или оневозможува пресретнувањето, иако некои западни воени експерти велат дека Русија ги преувеличува можностите на ова оружје.
Уништува и сее страв
Ваквата инфраструктура според Русите, тешко се уништува со конвенционални ракети. Продорната моќ на суперсонични ракети е многу поголема поради екстремно големата брзина.
За рускиот воен експерт Павел Фелгенхауер, употребата на Кама не и дава на Русија стратешка предност во Украина, но има психолошки ефект бидејќи Москва таму употреби едно од своите најразорни оружја.
„Всушност, овој потег не менува многу на воено поле, но сепак има ефект во смисла на психолошка пропаганда, а тоа е да сее страв“, рече тој.
Ракетите Кама и крстосувачките ракети Циркон истрелани од воени бродови и подморници припаѓаат на група ново оружје развиено од Русија, кое Путин го нарекува „непобедливо“.
Круната на руската армија е суперсонична интерконтинентална ракета Авангард. Лета до 33.000 км/ч и непредвидливо го менува курсот или висината, што го прави речиси невозможно пресретнувањето.
