НЕМА ПОЛИТИЧКИ АЗИЛ: Кога Пуџдемон се враќа во Каталонија?
Сменетиот каталонски лидер, Карлес Пуџдемон денеска на прес-конференција во бриселскиот прес-клуб „Европа“ рече дека тој е во Брисел на неодредено време и дека не бега од правдата.
Тој вели дека ќе се врати во Каталонија со одредени гаранции и додаде дека не престојува во Белгија за да бара политички азил.
Пуџдемон по повод изборите во Каталонија кои шпанската Влада ги закажа за 21 декември, рече дека „го прифаќа демократскиот предизвик“.
Тој рече дека „ќе продолжи да работи и покрај наметнатите ограничувања“.
Уставниот суд на Шпанија денеска го блокираше прогласувањето независност на Каталонија.
Судот ги предупреди членовите на канцеларијата на постојаниот застапник на парламентот во Каталонија, меѓу кои и разрешената претседателка на каталонскиот парламент Карме Форкадељ, да запрат со било каква иницијатива што вклучува спроведување на декларацијата.
Покрај Форкадељ, предупредување е испратено и до поранешниот заменик-претседател на распуштениот каталонски парламент Луис Џина и на другите каталонски функционери.
Пуџдемон вчера ја напушти Каталонија и замина во Белгија со други членови на неговиот кабинет.
Неговата сопруга со двете деца заминала во Романија.Претходно медиумите објавија дека каталонскиот лидер ќе бара политички азил во Белгија.
Тој во Брисел допатува со седум министри кои беа сменети.
