НЕМА ПАРАЦЕТАМОЛ, БРУФЕН И ДРУГИ ОСНОВНИ ЛЕКОВИ ВО ИТАЛИЈА: Силниот грип ги празни магацините
Оваа година
грипот ја зафати Италија речиси истовремено со Ковид-19, а магацините во
аптеките се празни. Бруфен, парацетамол и слични лекови често не можат да се
најдат во аптеките, што е случај со месеци и со сирупот Бруфен за деца. Италија
не видела таков недостиг на лекови дури и за време на пандемијата.
Италијанската агенција за лекови „Аифа“ ја објави информацијата дека недостасуваат речиси 3.000 лекови или дека нивните резерви се речиси исцрпени, а главно се работи за лекови кои се користат за лекување на грип.
Има антимуколитици, како и некои антибиотици како „азитромицин“, за кој погрешно се веруваше дека лекува ковид, но апелите на лекарите да не се создаваат залихи на тој антибиотик не вродија со плод.
За недостиг на антибиотик „цефиксорал“ посочи и националното здружение на фармацевти „Федерфарма“, како и тоа дека е прекинато производството на антибиотикот „зимокс“, но за нив има алтернативи кои задолжително треба да ги препише лекар.
„Аифа“ објави и дека недостигаат и лекови кои не се користат за лекување на грип, туку за епилепсија и притисок, некои диуретици и онколошки лекови.
Но и во овој случај италијанскиот систем некако успева да опстане благодарение на алтернативите.
Од 3.000 лекови на списокот на агенцијата за лекови, 554 недостасуваат поради проблеми со производството и дистрибуцијата, поради преголемата побарувачка и намалените залихи.
„Недостигот на лекови е нешто што се случува одвреме-навреме, но во овој момент, иако е незначителен, можеме да кажеме дека има недостаток на лекови повеќе отколку за време на пандемијата“, рече Роберто Тобија, национален секретар на „Федерфарма“ во изјавија за италијанските медиуми.
Причини за недостиг на лекови
Има многу причини. Еден од најважните е што Италијанците годинава ги зафати исклучително силен вирус на грип, најсилен во последните 10-15 години.
Покрај тоа, коронавирусот сè уште циркулира, како и респираторниот синцицијален вирус, кој бара употреба на лекови кои вообичаено се користат за грип во зима.
Роберто Тобија додава дека луѓето се плашат дека нема да ги најдат овие лекови во аптеките, па купуваат залихи иако навистина не им се потребни, а тука е и фактот дека Италија зависи од земји како Индија и Кина кога станува збор за производството на некои активни состојки, а тие земји го забавија производството во овој момент.
Тој додава дека поради руско-украинскиот конфликт недостасуваат некои суровини кои не се само активни состојки. Ни недостига материјал за пакување лекови, алуминиум и блистери во кои се сместени лековите, картон и слично.
Ситуацијата во светот
Светските медиуми јавуваат дека поради новиот бран зараза во Кина се празнат аптеките и во соседните земји.
„Многу луѓе купуваат парацетамол за да им го испратат на роднините во Кина“, изјави фармацевт од Тајван за CNN за да објасни зошто го нема во аптеките.
Во Грција недостигаат лекови за настинка, кашлица, антибиотици, како и спрејови за нос и инхалација, особено за децата. Низ слична ситуација минуваат и Франција, Германија и Романија, како и Велика Британија.
Националната здравствена организација во Ирска објави листа од 186 лекови кои се потешки да се најдат поради светската криза за снабдување. Сè додека не се постигне заедничко решение на ниво на Унијата, од „Федерфарма“ од Италија велат дека е неопходно да се апелира до граѓаните да не прават непотребни залихи во страв од недостиг или некои можни идни пандемии.
EPA-EFE/Matteo Corner