НЕМА ДА ИМАМЕ ИЗБОР - нови закани по одлуката на Финска и Шведска за членство во НАТО
Руската државна телевизија соопшти дека Москва би можела да распореди тактичко нуклеарно оружје на нејзините европски граници доколку Финска и Шведска дозволат воени бази на нивна територија по влезот во НАТО, пишува „Мондо.рс“.
Шведските социјалдемократи објавија дека се откажале од своето противење за членство во НАТО само неколку часа откако Финска ја потврди намерата да се приклучи на алијансата.
По оваа најава, експертите кои го поддржуваат Владимир Путин одговорија со дополнително подгревање на тензиите на руската државна телевизија. Коментатор на „Росја 1“ посочил оти „Нивната официјална причина е стравот. Но НАТО само ќе почувствува што е страв. Кога ќе се појават базите на НАТО во Шведска и Финска, Русија нема да има друг избор освен да ја неутрализира нерамнотежата и новата закана - со распоредување на тактичко нуклеарно оружје“.
Една од првичните причини за инвазијата на Москва на Украина во февруари беше да се запре проширувањето на НАТО, но тој план сега е во неред бидејќи и двете скандинавски нации велат дека ќе бараат членство во алијансата. Официјалната апликација на Стокхолм се очекува да започне подоцна денеска по дебата и одобрување од пратениците.
Шведска, која беше неутрална за време на Втората светска војна и остана надвор од воените сојузи повеќе од 200 години, сега се одлучи на нов пат.
- Европа, Шведска и шведската јавност живеат нова и опасна реалност. Најдоброто нешто за безбедноста на Шведска и шведскиот народ е да се приклучат на НАТО - рече Андерсон, најавувајќи децениски пресврт во политиката. Многу шведски политичари рекоа дека нивната поддршка е условена од приклучувањето на Финска.
На седницата на 15 мај 2022 година, Управниот одбор на партијата одлучи партијата да работи на апликацијата на Шведска за членство во НАТО, се вели во соопштението на социјалдемократите. Шведска, која беше неутрална за време на Втората светска војна, остана надвор од воените сојузи повеќе од 200 години, иако воспостави поблиски врски со организацијата со седиште во Брисел од 1990-тите. Пресвртот на партијата на Андерсон, која се спротивстави на членството во НАТО од основањето на алијансата, обезбеди цврсто мнозинство во шведскиот парламент за пристапување. Помалку од три месеци откако Владимир Путин им нареди на своите војници да влезат во Украина на 24 февруари, потегот на двете нации означува запрепастувачки пресврт во нивната воена политика на неврзаност - и го отвора патот за проширување на западниот воен сојуз од 30 члена.
Како што пренесуваат медиумите од соседството, Сергеј Рјабков, заменик-министер за надворешни работи на Русија, оценил дека одлуката на Финска и Шведска да влезат во НАТО е уште една грешка.
- Никој не треба да има илузија дека Русија едноставно ќе гледа и ќе молчи и ќе го прифати влезот на Шведска и Финска во НАТО - рече тој, додавајќи дека овој потег „нема да ја зголеми безбедноста во двете земји“.
